Две сосема различни полувремиња видовме од македонската фудбалска репрезентација во мечот со Украина, што се одигра вечерва во Скопје во рамки на квалификациите за пласман на Европското првенство. Гостите славеа со пресврт 2:3, полувреме 2:0.
Во првиот дел се беше во знакот на црвено – жолтите. Македонија имаше игра, добро покриваше во поле и беше поконкретна и поопасна во нападот. Во 31 минута по асистенција на ВАР, судијата Лукас Фандрих од Швајцарија покажа на белата точка. Сигурен реализатор беше Енис Барди за водство на Македонија од 1:0.
Се играше 39 минута кога Елиф Елмас упати удар од дваесеттина метри од косо постигнувајќи ретко убав гол, за водство од 2:0. До крајот на полувремето Македонија можеше да го зголеми водството, но одличниот слободен удар на Алиоски го скроти украинскиот голман Трубин.
Во вториот дел магијата на македонската фудбалска репрезентација исчезна. Украина ја презеде играта, домаќините го намалија темпото фокусирајќи се повеќе на одбраната. Но, тоа се покажа како лош избор. Најпрвин Забарни по корнер намали на 2:1 во 61 минута. По еден пробив на Мудрик Конопјла израмни на 2:2 во 67 минута. Во 73 минута Македонија остана со играч помалку откако поради втор жолт картон беше исклучен Муслиу. Десет минути подоцна, Циганков на асистенција на Мудрик го комплетираше пресвртот на украинците.
Македонија квалификациите за ЕП во групата Ц ги продолжува во понеделник во Манчестер, каде и гостува на Англија, која вечерва убедливо славеше над Малта со 0:4.
Г. Момироски
Фото: Петар Стојановски