Со головите на Бруно Фернандеш Португалија со 2:0 ја совлада Македонија, во финалниот натпревар од баражот за пласман на Светското првенство во Катар.

Бруно Фернандеш. Фото: УЕФА

Првиот гол уследи по грешка на капитенот на Македонија Стефан Ристовски во 31 минута . Топката стигна до Роналдо кој го пронајде Фернандеш кој биеше прецизно.

Негативата од еден гол не ја поколеба Македонија. Во вториот дел заигравме поофанзивно, но при една ветувачка акција Барди загуби топка на работ на противничкиот шеснаесетник, по што следеше молњевита контра која ја реализираше Фернандеш.

Фернандеш ги постигна двата гола во дуелот со Македонија Фото: EPA

До крајот на мечот што се одигра на исполнетиот стадион „Драгао“ во Порто, Македонија се обиде да се врати во игра, но искусните ѕвезди во португалскиот состав не дозволија никакво изненадување.

Кристијано Роналдо во акција. Фото: EPA

Кога се ќе се собере, ова беше волшебно фудбалско патување низ мундијалските квалификации на македонската репрезентација која ни приреди блескави моменти совладувајќи на гости два светски шампиона, Германија и Италија. Оваа генерација фудбалери има потенцијал кој веруваме ќе го покаже во полн капацитет веќе во следните квалификации за пласман на Европско првенство.

Момци ви благодариме за се!

Г.М.
Фото: УЕФА/МИА/EPA