Учениците од Бреионбреин центарот при Црвен крст Охрид продолжуваат да нижат успеси. Овој пат од седмиот Државниот натпрвар кој неодамна се одржа се вратија со 18 трофеи, 13 златни и 8 сребрени медали, но и многу голема мотивација и желба за понатаму.

На натпреварот учествувале вкупно 235 учесници на возраст од 5 до 15 години од 9 центри од нашата држава, а во однос на постигнатите награди на национално ниво вкупно биле освоени 60 трофеи, 90 златни медали, 81 сребрен медал и 4 утешни награди, информираше на денешната прес конференција Христина Кузманоска, тренер и инструктор во БОБ-Црвен крст Охрид.

Во однос на учесниците од БОБ-Црвен крст Охрид оваа година учествуваa 39 ученици од кои беа освоени 18 трофеи, 13 златни и 8 сребрени медали. Во однос на статистиката од вкупно освоените на државно ниво и нашиот Центар гледаме дека и оваа година нашите ученици постигнаа значителни резултати односно се покажа дека Бреинобреин Црвен крст Охрид е еден од најуспешните центри на ниво на република, потенцира Кузманоска.

Координаторката и инструктор во центарот, Валентина Кузманоска вели успехот се должи на посветеноста на учениците и тренерите, но и поддршката на родителите.

Ваквите натпревари се од исклучително значење за пред се да видиме ние како Центар каде сме во однос на останатите центри кои работат во нашата држава, а воедно претставуваат и голема мотивација за учениците затоа што сите се вративме многу задоволни, помотивирани и со желба наредниот натпревар да го потврдиме постигнатиот успех или да постигнеме многу повисок успех, потенцира Кузманоска.

Во време на пандемијата, додава, биле одржани два интернационални натпревари кои биле онлајн, но вели овојпат натпреварот организиран со физичко присуство навистина има друга димензија.

Во врска со самиот натпревар беше составен од два дела. Првиот дел наменет за ментална аритметика каде децата за три минути решаваат тестови согласно нивото кое го посетуваат. Вториот дел е наменет за демо презентации. Оваа година беше наменет за ученици кои го комплетирале петто ниво и во кое ниво се работи мултитаскинг. Преку 16 демо презентации центрите имаа можност да ги претстават токму овие вештини на мултитаскинг каде во исто време играа, пееја, пресметуваа суми. Две суми во исто време, три суми, алфабет дикатат, се тоа што се работи во петтото ниво, додаде Кузманоска.

Најави дека на 25 ноември е планирано учество на Интернационалниот натпревар во Дубаи каде БОБ-Црвен крст Охрид досега има учествувано три пати и постигнато видни резултати и на меѓународно ниво.

Н.С.Ј.

фото. Б. Стојаноски