Се проценува дека од Македонија до сега се изнесени околу 20.000 икони кои се од огромно значење не само за нашата, туку и за историјата на Балканот, како и и голем број други исклучително вредни археолошки предмети, кои преку разни фантом фирми завршуваат на црниот пазар и во приватни колекции, изјави за “ohridnews“, директорот на Управата за заштита на културното наследство, Паско Кузман.
Се почестите напади на верските и археолошки објекти, според Кузман се одраз на општествено-политичкта состојба во државата. “Во време на кризи таквите постапки се мултиплицираат и не е ништо чудно што тоа се случува“, вели Кузман.
Тој е е убеден дека при неодамнешниот напад на црквата Св. Димитрија во с. Октиси , крадците не нашле никакво злато и дека случајот се преувеличува , но смета дека е направена огромна штета на црковниот објект кој е од непроценливо значење за македонската култура и историја.
Нападите на црквите стануваат се почести, вели владиката Тимотеј. “Се случувале кражби и во други цркви, пред некоја година од Св. Богородица Каменско е украдено евангелие, од Св. Наум сребрен путир, како и многу други вредни предмети од други манстирски цркви. Последниве десетина години посебен интерес крадците покажуаваат за сребрените предмети и иако во голем број цркви има живот и се чуваат, тие успеваат да украдат значајни предмети кои засекогаш исчезнуваат“, вели владиката Тимотеј.
Тој вели дека на МПЦ не и е вратена ниту една украдена икона или значаен предмет. “Многу малку се работи да не речам не се работи, не би смеел, но од она што добиваме впечаток особено на некои места каде постојано се влегува и краде, се пријавува и никогаш не се наоѓа крадецот, немаме поинаков впечаток освен да кажам дека или надлежните не се заинтересирани, или евентуално соработуваат со тие што треба да ги гонат“, рече г.Тимотеј.
“Државата може да го спречи отуѓување на културното наследство онолку колку што е спремна, но мислам дека ниту таа, ниту надлежните институции, не се доволно подготвени да го решат проблемот“, рече ахеологот Кузман. Првиот човек на Управата за заштита на културното богатство најавува дека во наредните 3-4 години ќе бидат преземени многу посериозни мерки во заштитата и враќање на отуѓеното културно богатство за што во моментов се подготвува посебен проект кој ќе биде реализиран во соработка со МВР и Интерпол.
Г. Момироски