По цели два месеци, под притисок на опозицијата, градоначалникот на 19-тата седница го подготви и презентира извештајот за реализираните проекти во 2013. По толку чекање, наместо да добиеме извештај за тоа што е реализирано од страна на градоначалникот во изминатите 300 дена, ние добивме партиски памфлет за  тоа што не чинело во минатото, листа со пусти желби и најави за тоа што се планира да биде сработено во наредните години, рече на денешната прес конференција портпаролот на општинската СДСМ, Александар Кузески.

Кузески се осврна на случувањата во администрацијата. Како што рече,од една страна без леб останале повеќе од десеттина семејства поради политички реваншизам, а од друга страна, нови партиски војници секојдневно биле ангажирани во администрацијата.Според Кузески, слична била состојбата и во образовните институции. Тој додаде дека градоначалникот во својот извештај, завршувањето на веќе започнатите тековни работи од екс локалната власт, меѓу кои  крпењето на дупките на улиците, асфалтирањето, реконструкцијата на дел од тротоарите и постоечките водоводни мрежи, ги претставил како капитални реализирани проекти.

Од ОО на СДСМ со прашање до градоначалникот, дали брошурата, што ќе претставува отчет за сработеното ќе ги содржи реализираните „проекти“ како што се: незаконска промена и малтретирање на поранешните директори на јавните претпријатија, училиштата, градинката, назначувањето на некомпентентни, несоодветни или нестручни директори по јавните претпријатија, само врз основа на непотизам, пријателство и партиска припадност, вработување на партиски војници и лични пријатели во јавните претпријатија, училиштата, градинките и локалната администрација, на сметка на избрканите стручни, едуцирани и квалификувани сограѓани.   

– Донесувате урбанистички планови за изградба на висококатници, за кои во минатото жестоко ја критикувавте локалната власт.  Воведовте нови паркинзи, на сите улици во централното подрачје, на кои паркирањето се наплаќа, иако остро го критикувавте тоа кај Вашите претходници. Предвреме ги  отстранивте времените објекти, од кои нашите сограѓани вадеа едно парче леб. Вашите предизборни партиски билборди, кои законски бевте должни да ги тргнете 30 дена по изборите, сеуште стојат по улиците. Си играте играчки со контејнерите и со отпадот, а градот никогаш не бил понечист, рече Кузески.

OhridNews