Власта на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Бакарачевски за цели 28 месеци не успеа да реализира ниту еден значаен проект во Охрид. Сите таканаречени приоритетни капитални инвестиции, што им беа ветени на граѓаните, и по 2 и пол години не се реализирани, рече на денешната прес конференција, Александар Кузески, секретар и портпарол на општинската организација на СДСМ.

Како што потенцира Кузески тоа е доказ за неспособноста и неподготвеноста на локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид којашто не може да ги исполни барањата и не може да одговори на потребите на охриѓани.Меѓу проектите кои сеуште не се реализирани Кузески ги наведе современиот пазар, автобуската станица и покриениот базен, градското пристаниште, катните гаражи, марината и зимскиот центар на Галичица.

За ветените луксузни хотели на охридското крајбрежје најверојатно ВМРО-ДПМНЕ се уште го чека нивниот близок пријател Субрата Рој кој има сериозни проблеми со индиските судови и затвори.Дури ниту помали проекти локалната власт не може да реализира.Една фонтана кај некогашниот минимаркет се гради повеќе од 8 месеци и никако да се заврши.На граѓаните уште минатата година им беше ветено дека фонтаната на плоштадот свечено ќе биде пуштена во употреба за Водици, а оттогаш поминаа 7 месеци. Единствено, градските власти заборавија да им кажат на граѓаните за кои Водици планираат да ја завршат фонтата – годинава или догодина. Кој знае за колку сложен архитектонски и градежен зафат се работи, кога за една пригодна чешма им треба толку време, рече Кузески.

Како што рече Кузески граѓаните на Охрид се сведоци на неисполнети ветувања, свесни за криминалниот начин на владеење на ВМРО-ДПМНЕ што придонесува кај нив да се зголеми револтот поради неисполнетите ветувања.

 
OhridNews