Ситуацијата во Македонија е драматична, земјата е оставена сама да се справува со големиот број мигранти и затоа ЕУ мора да помогне, изјави шефот на австриската дипломатија Себастијан Курц кој денеска заедно со македонскиот министер за внатрешни работи Митко Чавков го посети прифатниот камп за мигранти во Гевгелија.  

– Неопходен е заеднички пристап и не смее понатаму да се дозволи во Македонија да влегуваат нерегистрирани мигранти од Грција. Европската унија конечно мора да погледне и на бегалската рута низ Македонија, а не само на таа во Италија. Долгорочно решение на проблемот е можно само ако се договорат кризните држави. Во секој случај, Австрија ќе помогне и ќе соработува со македонската Влада, рече Курц.

Министерот Чавков посочи дека само во саботата во Гевгелија се создаде наплив од 8.000 бегалци што претставува една третина од населението на градот.

-Со околу 800 припадници на полициските сили и помошта од АРМ успешно се справивме со нив, но ескалацијата од ден на ден е се поголема поради неконтролираниот влез на мигрантите од грчка страна. Наша примарна цел е хуманиот однос и третман кон мигрантите и нивна заштита во трансферот низ Македонија. Од безбедносен аспект успеавме да ги заштитиме од организирани групи и криминални мрежи кои ги прифаќаа и нелегално ги превезуваа до Србија, рече Чавков.

Наша проценка, истакна макеоднскиот министер за внатрешни работи, е дека ескалацијата ќе продолжи и оти е нелогично што проблемот ни доаѓа од земја-членка на ЕУ со која немаме никакви контакти во тој дел, поради што очекува конкретна помош од Европската унија.

Тој информира дека наскоро во Македонија за изнаоѓање заеднички решенија околу бегалската криза ќе се состанат министрите за внатрешни работи на Австрија, Унгарија, Србија и Македонија.

Курц и Чавков во прифатниот камп во близина на границата со Грција, за моментната состојба разговараа со мигрантите и претставниците на УНХЦР и невладините организации кои се вклучени во активности за олеснување на бегалската криза.

При посетата во Гевгелија, двајцата министри направија обиколки на транспортниот центар и граничната линија со Грција како места на кои се собираат бегалците.

OhridNews