Универзитетот „Св.Климент Охридски“ – Битола во соработка со веслачкиот клуб „Горица Ремо“ од Охрид, за своите студенти организираше еднодневен почетен курс за веслање.

Студентите имаа можност да се запознаат со тајните на веслањето како спорт што има подолга традиција во нашата земја, посебно на Охридското Езеро и е редовно застапен на сите натпреварувања што ги организираат Европската и Светската универзитетска федерација.

Професорот Климент Наумов од Факултетот за туризам и угостителство од Охрид, како активен член во веслачкиот клуб, ги упати студентите со историјата на овој спорт и со неговата застапеност. Се одржа и демонстрација на веслање со помош на посебни симулатори – ергометри како запознавање дека има натпреварувања во веслање и во сала. Потоа, со асистенција од членови на Веслачкиот клуб „Горица Ремо“ од Охрид и со нивна опрема, студентите се потрудија наученото да го применат во водите на Охридското Езеро, информираат од Универзитетот.

На овој спортски настан покрај ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски присуствувале и проректорот за настава, проф. д-р Цветко Андреески и професори на Универзитетот.

Задоволството од спортското доживување и забавното дружење меѓу студентите и професороте од УКЛО го обогати прекрасниот летен ден и одличните временски услови за одржување на двата настани. Успешната летна рекреација се очекува да прерасне во традиција и да заземе посебно место во спортската понуда што УКЛО им ја нуди на актуелните и идни студенти, додаваат од Универзитетот.

OhridNews

фото. УКЛО