Здружението на граѓани “Св. Василиј” од село Куратица ги отпочна подготовките за успешна реализација на Василичарските манифестации. Управниот одбор на здружението ја утврди финансиската конструкција, активностите на манифестацијата како и критериумите за традиционалниот Василичарски маскенбал, информираат од здружението.
Манифестацијата годинава е поделена во два дела. Најтрадиционалниот дел се одвива во ноќта помеѓу 13 и 14 Јануари кога според прастарите пагански обичаи и ритуали во новогодишната ноќ се посетува секое домакинство. Со музика и традиционалните василичарски маски, зетот, невестата, валегачот, бајачот и другите, на домаќините им честитаат и им се посакуваат плодна Нова година.
Во сабота на 13 Јануари се пали Василичарскиот оган кој што следните два дена ги грее душите на жителите и на посетителите на манифестацијата. Следниот ден во недела на 14-ти јануари, домаќинките ја подготвуваат традиционалната Василичарска храна – “варејнцата,“ топлата ракија и виното. Музичкиот дел од манифестацијата започнува во 17 часот и трае се до 02 часот по полноќ.
Маскембалот започнува во 18 часот и се одвива во две категории, возрасна и детска маска. Оваа година манифестацијата е поддржана од градоначалникот на општина Охрид а се очекуваат преку две и пол илјади посетители од општината и пошироко. Најавено е дека на
13 и 14 јануари кон Куратица ќе биде организиран превоз од страна на локалните превозници.