Жителите на охридското село Куратица и оваа година по 26-ти пат празникот на селото – Свети Василиј Велики ќе го одбележат со голем карневал под маски. Според организаторот на манифестацијата (здружението „Св.Василиј“ и Месната заедница) жителите ги привршуваат последните подготовки, се дотеруваат маските, се набавуваат дрва за василичарскиот оган.
За организирањето на една ваква манифестација која носи голема одговорност, најголема помош се добива од ентузијастите –волонтери од здружението „Св Василиј” од с.Куратица, иселениците од дијаспората и локалната власт.
Традиционалниот дел остана оригинален, пренесуван од колено на колено, кој почнува на 13 ти јануари оваа година околу 16 часот со зетот, невестата, бајачот валегачот, музикантите и учесници кои секој на свој начин маскирани тргнуваат во посета на сите домаќинства за бркање на лошите работи од домот и носење радост во домовите. Предвидено е поворката да заврши околу 23:30 по што заедно со групата и селаните ќе има заеднички собир на курајчкото сретсело. Главната манифестација, односно карневалот под маски е предвидено да започне 14.01 од 19 часот , што ќе кулминира со главното дефиле под маски по што ќе бидат прогласени и најуспешните маски, посочуваат организаторите.
Додаваат дека за забавнниот дел од програмата ќе бидат задолжени група Маестрал, Василија Петрова и Методија Столески, водителите Маја Бимбилоска и Wik Kakarotski, а како фил на карневалот ќе биде богатиот огномет.
Инаку, манифестацијата што важи за најзначајно збиднување во селото, има долгогодишна традиција, оживеана како свеовидна туристичка атракција во 1988 година. Непотврдени податоци говорат дека маскирањето во Куратица има традиција што датира од далечната 1575 година.
OhridNews