Македонската кошаркарска федерација (МКФ) објави конкурсот за пријава на екипите за учество во Купот на Македонија, кој годинава, првпат, ќе почне без тимот кој е бранител на трофејот. Минатата сезона победник во ова натпреварување беше Амак-СП, кој, пак, пред еден месец беше исклучен од првата лига поради два службени порази. Охриѓани воедно се третите куп-победници, по Кочани Деликатес и Никол Ферт што повеќе не постојат.
Сезонава, куп-натпреварувањето носи релативно голем новитет односно враќање на завршен турнир со четири екипи.За пехарот ќе се борат најдобрите четири тима, кои претходно ќе треба да го минат јануарскиот квалификациски циклус. Во овој период ќе треба да играат и најдобрите екипи, кои во изминатите четири години директно обезбедуваа пласман на завршниот турнир, бидејќи никогаш немало повеќе од една-две пријавени второлигашки екипи кои потоа разигрувале со тимовите од долниот дел на прволигашката табела.
Организаторот на завршниот турнир од Купот на Македонија за 2010 година ќе биде одреден дополнително и тоа на лицитација, која ќе биде во организација на МКФ. Ако на истата не се пријави ниту еден заинтересиран кандидат, тогаш во улога на организатор ќе се најде Куќата на кошарката. Завршници, кои беа со осум тима, беа организирани во Струмица, Битола, Кавадарци и во Охрид. Последен пат турнир со четири екипи беше организиран во 2005 година и тоа во Скопје, во салата „СРЦ Кале“, во организација на МКФ.
Казна од 20.000 денари за откажување
Екипата што пред почетокот на куп-натпреварувањето ќе се откаже од настап ќе биде казнета парично со 20.000 денари. Тимот, пак, што ќе се откаже откако ќе почнат куп-возбудувањата ќе биде парично казнет со истата сума, но и ќе му бидат одземени шест бода од бодовното салдо во тековната натпреварувачка сезона.
ohridnews
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com