Еден кинески бизнисмен ја искористил посетата на продавницата во бесцаринската зона на аеродромот во Сингапур, како би купил уште некои „ситници“, меѓу кои и шише виски за кое платил 200 илјади долари. Шишето шкотско виски „Далмор сингл молт“ старо 62 години, било изложено во меѓународниот аеродром Чангиј по цена од 250 илјади сингапурски долари.
Портпаролот на аеродромот рекол дека постојат само 12 такви во светот, додавајќи дека кинезот веднаш платил половина од износот како би бил сигурен дека шишето ќе биде негово. Станува збор за постојан посетител на Сингапур чиј идентитет не бил откриен. Според податоците на здружението за шкотско виски со седиште во Шкотска, Сингапур, по САД и Франција, е трет по ред увозник на тој скапоцен пијалок. На тоа место до неодамна се наоѓала Шпанија.