Согласно Годишна програма за натпревари во 2024 година, Здружението на рекреативни риболовци Спортски клуб „Св. Апостол Петар“ од Охрид денес организира Куп во спортски рибилов во дисциплината пливка, „ОХРИД – 2024“.

Натпреварот се одржува на Охридското Езеро на плажата Акапулко (помеѓу хотел Метропол и Лагадин).

Екипите се составени од 3 натпреварувачи и капитен на екипата. Во екипите покрај сениори учество можат да земат и ветерани, помлади сениори(У25) и јуниори(У20). Активни се следните видови риба: плашица(белвица), вардарка(гомнушка), грунец, моранец, клен, црна мрена и други видови на ситна риба. Дозволен е улов на сите видови на риба без ограничување на големината. Дозволена е употреба на прибор по слободен избор. Задолжителна е употреба на чиварка за чувување на уловената риба во жива состојба, информираат од Здружението на рекреативни риболовци Спортски клуб „Св. Апостол Петар“ од Охрид.

Право на учество имаа сите здружени на риболовци и риболовни клубови од РС Македонија, со по една екипа.

Натпреварот ќе трае три часа и истиот се одржува согласно Правилникот за организирање на натпревари во спортски риболов во Република Македонија и Правилата за натпревари во дисциплината „пливка“. Резултатите се пресметуваат во екипна и поединечна конкуренција, додаваат од Здружението.

За трите првопласирани екипи се доделува пехар со диплома и соодветни медали за натпреварувачите и капитените, а за победникот на Купот преоден пехар.

Во поединечна конкуренција, за првите три натпреварувачи соодветен медал со диплома и награди во риболовна опрема.

OhridNews