Ракометниот клуб Вардар ги комплетираше екипите учесници на завршниот турнир во Купот на Македонија. „Црвено црните“ во најмасовното клупско натпреварување ќе ја бранат титулата, а предизвикувачи се Еурофарм Работник, Металург и дебитантот Бутел Скопје.

Билет за учество на завршниот турнир „црвено црните“ обезбедија со триумфот над Струга 29-24 (19-11) во натпреварот кој се одигра во СРЦ „Тими“. Стружани кои важат за големи љубители и познавачи на ракометот не дојдоа во голем број да го проследат мечот на своите миленици.

Вардар, со мешан состав и половина сили фаворитската улога ја оправда уште на стартот од мечот кој го отворија со 6-1. На половина од првото полувреме стоеше 10-4, а на крајот гостите до Скопје обезбедија предност од осум голови.

Шпанскиот стручњак Гарсија Парондо во второто полувреме во игра ги уфрли ракометарите од младинскиот погон кој рутински ја довршија работата и го „чекираа“ Вардар како учесник во полуфиналето.

Завршниот турнир се игра на 21 и 22 мај, а РФМ дополнително ќе одлучи кој ќе биде домаќин односно организиратор.

OhridNews