Екипата на Металург обезбеди пласман во 1/4 финалето од Купот на Македонија. „Зелено белите“ на реванш мечот со Вардар во Охрид претрпеa пораз 2-1, но минималната победа 1-0 од првиот натпревар на домашен терен се покажа клучна во градската пресметка.

Подобар почеток на реванш дуелот од 1/8 финалето во Купот на Македонија неможеа ни да посакаат фудбалерите на Металург, кои уште во деветтата минута поведоа со голот на Оливер Пеев, кој пласираше во десниот агол по двојната комбинација со Виктор Ангелов.

Погодокот во мрежата на Игор Павловиќ не ги поколеба фудбалерите во „црвено црни“ дресови кои имаа неколку прилики за изедначување, но „единицата“ на Металург, Андреја Ефремов беше на место.

Чуварот на мрежата неможеше ништо да стори во 18-та минута кога по корнерот од десната страна Ацо Стојков непречен од никого на втора статива го изедначи резултатот.

Во 32-та минута избраниците на стратегот Боби Милевски направија комплетен пресврт на резултатот и поведоа со 2-1. Корпулетниот Един Адемовиќ со погодок го круниса нафрлувањето на Стеван Љелич.

Пред финишот на првите 45 минути асисентот на погодок од Металург, Ангелов успеа да го промаши невозможното биејќи со глава од пет метри покрај голот на Павловиќ.

Првата посериозна прилика за погодок во вториот дел „црвено црните“ ја имаа во 65-та минута кога Адемовиќ неколку сантиметри го делеаа од втор погодок на мечот по нафрлувањето на Хименез.

На шансата од Вардар, левиот бек на Металург, Благоја Љамчевски возврати со проектил од 25 метри, кој заврши во горната конструкција од голот.

Фудбалерите на Вардар одновно направија акција по десната страна, но, овој пат центрираше Јованоски, а ударот во трк на Адемовиќ заврши во страничниот дел од мрежата на Ефремов.

Во 84-та минута „домаќините“ бараа најстрога казна по стартот на Крстев над Хименез, но главниот арбитар Ставрев остана нем и не покажа на белата точка.

Во последните минути шансите се редеа пред голот на Металург, но расположениот Ефремов со неколкуте сигурни интервенции не дозволи трет погодок во сопствената мрежа и им го трасираше патот во најдобрите осум на момците во „зелено бела“ комбинација.

Мх.П.