ГРК Охрид забележа висока победа над РК Шампион Скопје во рамки на елиминациите од Купот на Македонија во ракомет и обезбеди пласман во понатамошниот тек од натпреварувањето. Попладнево во салата „Билјанини извори“ Охрид славеше со 45:10 (полувреме 23:6).

Пред натпреварот присутните во салата со едноминутен молк им оддадоа почит на жртвите од страотниот пожар во Кочани кој однесе 59 животи.

Натпреварот од почеток до крај се одвиваше во еден правец. Младиот тим на Шампион не можеше да се носи во домаќинот кој главно играше со млади сили кои на најдобар начин ја искористија укажаната доверба.

Најефикасен во редовите на Охрид беше Николче Ристески со 12 гола, Костов постигна 7. На спротивната страна Билбилоски беше најефикасен со 5 гола.

Статистика ГРК Охрид:
Чаневски, Ојлески 3, Јукиќ 1, Костов 7, Николоски 2, Ристевски, Ристески 12, Тасески 2, Кукоски, Крстевски 7, Пешиќ, Кукуловски 5, Винисиус 3, Цирар 3, Ѓорѓески.

Статистика РК Шампион:
Кукуновки, Димчевски 2, Огненовски, Петровски 1, Поповски, Митев, Трајковски, Петкоски, Билбилоски 5, Јовчевски 2, Божиновски, Спирковски.

Пред ГРК Охрид сега се натпреварите од плеј-офот. Во првото коло од разигрувањето „Гладијаторите“ му гостуваат на Бутел, по што во Охрид доаѓа шампионот Еурофарм Пелистер.

Г.М.