Во организација на ГРК Охрид, од 11 до 13 мај во Охрид ќе се одигра завршниот турнир од Купот на Македонија во ракомет за мажи и жени. Градот и спортската сала „Билјанини Извори“ се подготвени за ракометниот спектакл, на кој учество ќе земат 8 екипи, по четири во двете конкуренции.
Во машка конкутенција, во полуфиналето се среќаваат: Вардар – Алкалоид и Еурофарм Пелистер – Тинекс Пролет. Во женска конкуренција полуфиналните двојки се: Вардар – Ѓорче Петров и Металург – Куманово.
Полуфиналните средби се играат во четврток и петок од 17:30 во женска конкуренција, односно од 20 часот во машка. Женското финале се игра во сабота во 15 часот, а машкото во 18 часот.
Картите за завршниот турнир од Купот на Македонија во ракомет, од вчера се пуштени во продажба на две локации, на билетарата од салата „Билјанини извори“ и во чаршијата до комплексот Летница, кај Аждер.
Цената за полуфиналните натпревари поединечно и во машка и во женска конкуренција изнесува 100 денари. Цената на финалните натпревари поединечно и во машка, во женска конкуренција изнесува 200 денари. Блок карта за сите 6 натпревари изнесува 600 денари, информира ГРК Охрид, организатор на турнирот.
Г.М.