Фудбалерите на Лабуништа, обезбедија солидна предност во првиот осминафинален натпревар во Купот на Македонија совладувајќи го составот на Охрид со 2-0 (1-0) на Градскиот стадион во Струга.
Избраниците на Пепи Џигероски со триумфот ја оправдаа фаворитската улога и затропаа на вратата од четвртфиналето кој ќе биде историски успех за клубот.
Домашните фудбалери агресивно го започнаа мечот и го притиснаа Охрид на сопствената половина. Бедемот на „сино белите“ попушти во 12-та минута. Лабуништа изведе три корнери во низа и од последниот профитираа со водечки погодок после авто голот на Мартин Лекоски.
Охридските фудбалери, после примениот погодок се отворија и веднаш се заканаа кон голот на Лабуништа. Љупче Трпески со добар удар ја круниса тимската акција на Охрид но голманот Оливер Митрески беше на висина од задачата и одбрани.
Лабуништа шанса за втор погодок имаше преку Антонио Каланоски. Брзоногиот фудбалер се ослободи од директниот чувар Дејан Велевски и од косо биеше во спротивниот агол но на вистинско место беше охридскиот голман Даниел Котески.
Најдобрата прилика за изедначувачки погодок, Охрид ја имаше во 30-та минута од натпреварот. Најистурениот фудбалер Игор Клечкароски од слободен удар го надмудри Митрески но среќата му го сврте грбот и ударот заврши во стативата.
На стартот од вториот дел, Лабуништа го дуплираше водството. Лекоски лошо додаде а Климе Далчески ја пресече топката на центар веднаш биеше и не погреши за 2-0.
Охрид во продолжението од натпреварот го притисна противникот, но не успеа да креира некоја посериозна прилика. Лабуништа имаше одлична шанса за трет погодок во 72-та минута, но ударот на Каланоски место во мрежата заврши во гредата.
До крајот не мечот резултатот остана ист и Лабуништа обезбеди солидна предност во пресрет на реваншот кој ќе се одигра во Охрид на 30 октомври.
Мх.П.