Кошаркарите на Кожув од Гевгелија во ½ финалето од 22-то издание на Купот на Македонија ќе се сретнат со актуелниот првак МЗТ Скопје. Пласман меѓу најдобрите четири „белите“ обезбедија совладувајќи го Фени Индустри во ¼ финалето со 76-59.
Екипите го поделија водството во двете четвртини. Воведниот квартал од вториот полуфинален натпревар во Купот на Македонија и припадна на „домашната“ екипа Кожув со 17-12 додека вториот со 20-15 го добија „индустријците“ и на пауза отидоа со егал на семафорот 32-32.
„Белите“ разликата која на крајот им донесе триумф и пласман во ½ финалето ја направија на стартот од третиот период кога со серија од 8-0 стигнаа до предност од 40-32. Кавадаречките кошаркари во третата четвртина потфрлија целосно во нападот постигнувајќи само девет поени.
Во последните десет минути избраниците на Марјан Србиноски не само што ја задржаа предноста туку од минута во минута ја зголемуваа за на крајот да изнесува +17 76-59.
Со 24 поени Владимир Филиповиќ беше најпрецизен во тимот на Кожув, а пак во екипата на Фени со 20 кошеви најефикасен беше Игор Бјелиц.
Мх.П.