Без победник (2-2) заврши првиот четвртфинален натпревар во Купот на Македонија меѓу Победа и Брегалница кој двете екипи го одиграа во Охрид.

Влогот во овој дуел и воопшто во двомечот е преголем, а така се одвиваше и натпреварот на Атина Бојаџи кој го последија околу 300 гледачи.

Први во водство стигнаа домаќините во 17-та минута, со голот на дефанзивецот Александар Ристевски. Во финишот од првото полувреме Стојанче Велинов изедначи (1-1).

На почетокот од вториот дел, капитенот Гордан Здравко носи предност за штипјани. Водството гостите го задржаа до 75-та минута кога Благојче Гешоски ја погоди мрежата од белата точка.

Пред изведувањето на пеналот во 75-та минута, штипјани незадоволни од судиската одлука имаа намера да го напуштат теренот, но се предомислија и не го направија тоа. 

Главниот судија Далибор Ѓорѓевски имаше полни раце работа, доделувајќи дури 11 жолти картони. Осум нив добија гостите, а три домаќините кои во финишот останаа и со фудбалер помалку, откако голманот Давор Талески доби директен црвен картон.

Во финишот од средбата, тренерот на „сините“, Здравко Цветаноски се пресели на трибините по бурната реакција на одлуката на Ѓорѓевски да не досуди најстрога казна за штипските фудбалери.

Ремито (2-2) оди во прилог на фудбалерите од Брегалница кои реваншот на домашен терен ќе го започнат со предност, поради головите постигнати на гостинските терен.

Фотогалерија:

Мх.П.