Дводневна конференција на тема „Културното наследство и туризам – Меѓународни стандарди и локален развој“ се одржува во Охрид по повод 18 Април – Денот на културното наследство на УНЕСКО.

Уверен сум дека преку презентациите на  научните согледувања и дебати, во текот на овие два дена, ќе придонесете во креирањето на нашите стратегии особено во областа на туризмот и заштитата на културното наследство, рече во обраќањето пред присутните амбасадори, професори и експерти, градоначалникот Кирил Пецаков.

Вредностите на овој древен град, во осумдесетите години од минатиот век ги препознала меѓународната стручна јавност и на нивни предлог Охрид и Охридското Езеро, како природно и културно наследство од светско значење се заштитени од УНЕСКО. Тоа е голема чест, но и голема одговорност во пристапот на заштитата на вековното природно и културно  богатство – истакна градоначалникот Пецаков.

Проф. д-р Сашо Коруновски истакна дека нема подобро место од Охрид да се зборува за туризам и за културно наследство од едноставна причина што, вели, ние сме светско културно наследство и ние сме туристичка дестинација број еден во Македонија.

Промовирајќи го културното наследство преку туризмот правиме бренд, правиме идентитет, правиме препознатливост во светски рамки. Некој мисли дека туризмот му штети на културното наследство. Напротив, културното наследство и туризмот се на иста страна, а тоа значи промоција, економски придобивки и можност за заштита на културносто наследство. Кога се работи за туризмот културното наследство претставува културен капитал. Културниот капитал којшто го имаме во изобилство е светски признат и е алатка преку која туризмот ни обезбедува брендирање, препознатливост, но, и формирање на силен идентитет што значи препознатливост во светски рамки и привлечност. Ако тој идентитет, тоа наследство го чуваме по сите светски стандарди тогаш одиме напред. Сите напори се денес да разговараме како културата и туризмот заеднички можат да ги градат тие вредности и зачувуваат за идните генерации, истакна Коруновски.

Конференцијата тематски е поделена на четири дела: Потенцијалите и перспективите на културниот туризам, Капацитетите и потенцијалите на културното наследство, Културното наследство и локалниот развој и Меѓународни стандарди, соработка и брендирање.

OhridNews