Просто неверојатно е колку нашиот град и неговата околина има културно наследство, кое за жал во мал процент е во реална туристичка понуда. Авторитетите на централно и локално ниво се препукуваат околу стопанисувањето со плажите на охридското крајбрежје (се разбира важен фактор во туризмот, меѓутоа капалишната сезона трае само 2-3 месеца). Од друга страна, многу од културно – историските места, локации и објекти се потполно непознати за потенцијалните туристи. На пример, таков е случајот со пештерската црква „Свети Стефан“ која се наоѓа стотина метри нагоре од патот Охрид – Свети Наум, над комплексот хотели кои се близина. За искачување до црквата се потебни неколку минути, се оди по уредена пешачка патека.


Кога вратата е затворена единствен извор на
светлина е малиот прозорец

Самата црква е со минимални димензии, изградена (би се рекло „издлабена“) во карпите во средината на деветтиот век, во период кога на овие простори бил засилен тнр. анахоретски или пустиножителски, осаменички живот на монасите. Црквата е живописана, но само мал дел од живописот е зачуван. Сеуште постои и оштетен натпис кој зборува дека заслуги за изградба на црквата имале луѓе од околните села Шипокно, Коњско и Горица. Во ново време се изградени и конаци.


Во дворот пред црквата ја среќаваме старичката Рајна која е редовно тука, заедно со сина си чистат и ја одржуваат црквата.

„Идат луѓе од секаде. Слушнале од други, па доаѓаат се` повеќе. Посебно идат оние што не можат деца да имаат. Палат свеќи, се молат и оставаат по нешто за здравје. Некои и спијат во собиве“

– вели Рајна и го покажува „божјото око“ нацртано на сводот пред влез во црквата.

Од дворот спрема езерото се пружа феноменален поглед. Местово е „измислено“ за после лесна прошетка малку медитација.


Дел од зачуваниот живопис

„Божјото око“

Скоро сите туристички фактори во градов можат да се сложат дека странските туристи, многу повеќе ги интересира богатото културно наследство отколку класичното „плажање“. Не можеме да се мериме во таа сфера со Грција, Хрватска, Шпанија. Но, со бројноста, староста и автентичноста на спомениците сигурно можеме.

С. Костоски