Вевчанскиот карневал е културна, но, и туристичка актракција која е од големо значање и за Вевчани и за цела Македонија. Со своето илјадагодишно постоење е повеќе од традиција, еден од најавтентичните симболи на нашето културно наследство кое и покрај предизвиците кои ги имаше и недостигот на континуирана поддршка во изминатите години сепак опстојува како симбол на нашата култура и традиција, рече на денешната прес конференција по повод годинешното издание на Вевчанскиот карневал, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.

Тоа е потврда на посветеноста и љубовта на Вевчанци кон своето наследство кои со својата упорност и страст се повеќе и повеќе и посилно го поддржуваат овој карневал, го одржуваат жив и ја потврдуваат секогаш неговата важност. Креативните маски изработени со големо мајсторство се повеќе од уметнички дела, тие се огледало на времето, носат пораки, ги поврзуваат минатото и сегашноста, но и најважно од се го критикуваат општеството, се тоа што се случило во изминатите 12 месеци. Наша задача ќе биде да го промовираме Вевчанскиот карневал како национален бренд кој нуди уникатно искуство и кој како спој на културата и туризмот привлекува и ќе привлекува уште поголемо меѓународно внимание и посветеност. Од тие причини заедно со локалните власти и бизнис партнерите работиме на тоа карневалот да го достигне својот полн потенцијал и во меѓународни рамки, истакна Љутков.

На прагот сме на уште една Василичарска година, Вевчани 13 и 14 јануари секоја година го организира Вевчанскиот карневал кој е значаен не само за Вевчани, туку и за цела Македонија, рече градоначалникот на Општина Вевчани, Спасе Кочовски.

Карневалот е слика и прилика на тоа што се случува во општествено- политичкиот живот претходната година во Македонија, па и во Европа. Ќе ги видите настаните на еден специфичен начин. Организацијата на карневалските маски ги прават тие кои учествуваат, Општината е само организаторот на забавниот дел. Имаме како што е веќе познато две василичарски друштва, Горна и Долна маала, организацијата е нивна, што и како ќе се случува никој не знае во што е и убавината на самиот карневал. Традиционални маски ни се зетот и невестата, глупавиот Август, но карневалот секоја година има и нови маски. Оваа година очекуваме многу гости од Македонија и Европа, членка сме на Европската федерација на карневалски градови, па присутен ќе биде и претседателот на Европската федерација. Во овие два дена Вевчани ќе понуди многу забава, со желба дека ќе влеземе во една многу подобра и попросперитетна година, истакна Кочоски.

Антонио Димитриевски истакна дека манифестација не е само уникатна, туку и раритетна по многу нешта во светот.

Вевчанскиот карневал кој традиционално го слави доаѓањето на Новата година, но, по стариот календар за Василица, карневал кој ги исмејува сите општествени негативности и појави кои ни се случуваат преку целата година, но од друга страна ја негува и традицијата, има забавна и научна нитка, зошто Вевчанскиот карневал по својата архаичност, уникатност, особено во маските и изведбата на танците е спој на старото и новото, паганското и тоа што се случува во современиот свет.

Посочи дека музичката програма годинава е поделена во двата дена, 12 и 13 јануари, каде ќе бидат присустни изведувачи за сечиј вкус и сите генерации.

Програмата започнува ден порано на 12 јануари, во недела вечерта, при што првата вечер на сцената ќе настапат три познати уметници, за помладата генерација охриѓанецот Пајак од 19:30 часот, по него од 21 часот настапува бендот „Ареа“, околу 23 часот настап имаат специјалните гости од регионот групата „Забрането пушење“. На 13 јануари по сите карневалски случувања ќе настапат од 19.30 часот еден од најпознатите и најквалитетни етно-поп состави групата „Љубојна“, по нив кралот на македонска фолклорна песна Наум Петрески од 22 часот, потоа оркестарот „Сузуки и тапани Вевчани“ кои ќе го означат испраќањето на стариот и почетокот на новиот ден, по нив Перо Бели и Коки Биоритам околку 00:30 часот, додаде Димитриевски.

Инаку, Карневалот ја има поддршка од Министерството за култура, но сеуште не се знае точниот износ на средства за ова издание, бидејќи како што посочи министерот Љутков годинава има нов начин на финансирање, проектот е поминат, но, сеуште не донесена одлуката каде ќе биде прецизиран и износот на финансиската поддршка.

Н.С.Ј.