Целокупната дејност, тековните активности и континуираните проекти на Општина Охрид во повеќе области од културата, беа претставени пред учесниците на 57-та Летна школа на Семинарот за македонски јазик, литература и култура, што се одржува во Охрид.

Охрид е нашата гордост, највредниот културен и историски бисер, лулка на писменоста, центар на духовноста и местото каде што минатото, сегашноста и иднината се испреплетуваат во една хармонична целина, рече во обраќањето пред присутните претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски.

Токму оттука произлегува нашата обврска, да ги чуваме, вреднуваме и промовираме неговите непроценливи богатства и да ги оставиме како аманет за новите генерации. Македонскиот јазик и неговите корени се длабоко поврзани со богатото културно наследство на овој регион, почнувајќи од просветителската дејност на нашиот Свети Климент Охридски, преку творештвото на Григор Прличев, Живко Чинго, Ванчо Николески и многу други роднокрајни автори, преродбеници, писатели и поети, кои оставиле длабок печат во целокупниот развој на македонскиот јазик и литература. Оваа вредна книжевна дејност која се одвивала низ вековите, тука на брегот на прекрасното Охридско Езеро е една од главните основи на сето она што Општина Охрид го прави денес во областа на културата, уметноста и литературата, рече Божиновски,.

Свесни за својата историска и културна одговорност, преку низа активности, вложувања и поддршка на бројни проекти и манифестации, со огромна посветеност, се трудиме, потенцираше Божиновски, да го чуваме и промовираме богатото наследство, да го афирмираме македонскиот јазик, како во земјата, така и надвор од нејзините граници.

Во Охрид се одржуваат бројни културни настани кои го негуваат и прославуваат културното наследство на нашата заедница.Особено е важна иницијатива за одбележување на значајните личности и празници, со што се пренесува нивната вредност и значење на младите. Општина Охрид е постојан поддржувач на бројни манифестации кои ја збогатуваат културната понуда на нашиот град и ги инспирираат граѓаните да се вклучат и да придонесат за општеството. Тука посебен акцент би сакал да ставам на литературната дејност. Под покровителство на Општина Охрид, во последните неколку години беше издадена едиција од десет книги, посветени на истакнати писатели и важни историски личности за Охрид и Македонија. Овааедиција е гордост за нашиот град, сведоштво за нашата посветеност на зачувувањето и промовирањето на македонската литература и историја. Во овој момент можам со задоволство да објавам дека едицијата ќе продолжи да се збогатува со нови изданија, кои ќе претставуваат уште еден влог во нашето културно наследство, додаде.

Посочи дека Општина Охрид ќе продолжи да работи неуморно, со визија за уште поголеми и позначајни културни проекти во иднина.

Како дел од претставувањето на Општина Охрид беше одржана и детална презентација на Програмата за работа на Одделението за култура во која спаѓаат: Програмата за одбележување празници, манифестации, годишнини и јубилеи на значајни настани и личности за Охрид; Програмата за одбележување на личности и настани кои се од особено значење за општината со споменици и спомен – обележја; Програмата за културни манифестации и творештво и Програмата за сите деца – Културата расте со децата.

OhridNews