Несомнено дека изминатата 2013 година ја одбележаа голем број културни настани во Охрид, кои беа дел од  Културно информативниот центар „Култура 365“.

Почнувајќи од презентација на подзаборавените охридски литературни творци, изложби на фотографии, голем број промоции на книги, литературни читања, па се до предавања за македонската традиција и култура и поттикнување на читателската навика кај охриѓани.

Уште на почетокот од минатата година се осврнавме на творештвото од подзаборавените охридски литературни творци, како Иван Точко, Борис Бојаџиски и Радослав Петковски. Тие со своите дела оставиле неизбришлива трага во македонското литературно творештво, а со тоа и во македонската историја.“ – вели м-р Лидија Размоска од КИЦ „Култура 365“.

Љубителите на фотографијата имаа можност да се запознаат со ремек делата на повеќе домашни и странски автори, кои преку своите фотографии пренесоа дел од нивното согледување на светот кој не опкружува.

Изложбите на фотографии, исто така беа поттик за охриѓани да бидат дел од културното живеење на градов, па така организиравме изложби на македонските фотографи Славица Панова, Јасна Христовска, Катерина Мавровска, Петар Боев и на Ана Шќекиќ од Црна Гора.“ – додава Размоска.

Пролетта, како инспиративен период, беше мотив повеќе за младите охридски поети да ја пренесат убавината на ова годишно време како дел од литературното читање „Пролет, љубов, смеа“, а за некои поттик да ги промовираат своите книги.

Кај нас беше промовирана книгата “The Seven” од Викторија Пановска и книгата „Бели утра“ на струшкиот автор Петко Шипинкаровски. Од литературните случувања во КИЦ „Култура 365“ вреди уште да се спомене и тоа дека се осврнавме на творештвото на нашите сограѓани и литературни творци – Зоран Јакимоски и Тоде Илиевски, во одвоени настани посветени токму на нивното творештво.“  – потенцира Размоска.

Овој период од годината, ја одбележа уште една изложба на охридскиот фотограф Мишо Јузмески, а во соработка со Фото кино клубот од Битола, во градот на „конзулите“ беше претставена изложбата „Охрид во 36 слики“.

Истата оваа изложба беше свечено отворена и во „Култура 365“ во Охрид.  Овој Културно – информативен центар беше дел и од прославата на Денот на Европа, со презентација на творештвото на шведската писателка Астрид Линдгрен преку креативни работилници со 400 ученици од основните училишта во градов.“ – истакнува Размоска.

Летото во овој културен центар се одбележа со повеќе од 150 предавања за македонската традиција и култура, во кои учествуваа над 3.000 учесници од различни краеви на светот.

Проектот „Севдах“, претставување на ликот и делото на Ванчо Николески и литературната средба во чест на Нијази Лиманоски, се само дел од настаните кои во есенскиот период се случуваа во овој културен центар.

Есента донесе и нови случувања, поврзани со литературата. Во интимна атмосфера беше претставен проектот „Севдах“, преку „Холандско – македонската вечер“ во КИЦ „Култура 365“. Претставувањето на ликот и делото на Ванчо Николески исто така означи дел од случувањата од областа на културата во Охрид. Понатаму, оддржавме средба „Во чест на Нијази Лиманоски“, по повод 20 години од излегувањето на книгата „Исламизацијата и етничките промени во Македонија“.“ – вели Размоска.

Она што мора да се напомене е дека во два одвоени наврати, КИЦ „Култура 365“ организира акции „Недела на книгата“, во кои беа подарени примероци од книгите „Премин во маглата“ на Мишо Јузмески и „Филозофскиот клуч за македонскиот идентитет“ од Стефан Влахов Мицов.

Истакнувањето на човековите вредности како значајни во развојот и одржувањето на македонскиот јазик, беше поттик за реализираната посета на Поградец, Р.Албанија, а со цел донација на книги од македонски автори, наменети за Македонците кои живеат во овој крајезерски град. Одржаната литературно – новогодишна чајанка, пред самиот крај на годината, со учениците од ОУ „Христо Узунов“ го означи успешното завршување на 2013 година за КИЦ „Култура 365“.“ – завршува Размоска.

Од овој културно-информативен центар велат дека и во тековната 2014 година, ќе бидат дел од случувањата од областа на културата во Охрид преку промоции на книги, изложби, литературни читања, како и преку повторно подарување на книги водени од единственото мото –  „Култура 365“ – Култура за секој ден!

O.T.