На прв “поглед кон цветната градина” се забележуваат емотивните состојби што никој не знае да ги искаже како Горан Таневски. Музиката е меланолична, мелодична, едноставно го милува увото и танцува со умот.

Иако стилски се разликува од претходниот “Кобна убавина” сепак имаат заеднички елементи како преработката на “Почесна стрелба”, овде со сосем нов љубовен текст. Мизар покажува дека и на најгрубиот јазик на светот (германскиот) песната може да звучи нежно и елегантно. На крајот на краиштата и овој албум е убавина а таа може да биде кобна.

Мизар ја чуваат традицијата на одличен начин да преработуваат песни, значи тука е преработката на “Почесна стрелба” од претходниот проект и преработката на француската класика “Et sit u n`existais pas”. Потоа за потребите на песната “Поглед” земен е стих од последниот проект на Кисмет “Dreaming”. Исто така е е искористен стих од “Девојка од бронза” кој одлично е вклопен во текстот на феноменалната “Нож”. Единствено од овој албум се разликува психоделично-бунтовничката “Дамар” која е можеби носечки столб на албумот. Суштината е јасна а таа е дека сите ние имаме сон, па пораката на овој албум е таа. Токму затоа албумот го затвара “I have a dream”.

“Поглед на цветната градина“ е мултикултурен албум (отпеани се песни на македонски, англиски, француски и германски) а тоа треба да се поздрави. Ова е еден од најдобрите македонски албуми, цврсто сум убеден дека е безвременски. За разлика од комерцијалните поп-кич медиумски хитови кои умираат по неколку месеци, песните од овој албум се премногу избегани напред. Со текот на времето ќе стануваат се помоќни и помоќни, со секој нов ден ова дело ќе расте затоа што “јас ја гледам иднината што ја чека надежта”.

Затоа вечерашниов настап на “Мизар“ во кафе барот  “Balance“ (21ч.) e настан што не смее да се пропушти.

Дарко Јорданоски