Русија води енергетска војна против Европа, тврди министерот за надворешни работи на Украина Дмитро Кулеба.

Русија со децении ги користи гасот и нафтата како оружје. Затоа, не треба да изненадува сега, под овие околности, истото го прави. Русија ги направи гасот и нафтата оружје и води енергетска војна против Европа, изјави Кулеба за австриската телевизија „Пулс24“.

Тој истакнува дека само транзицијата кон обновлива енергија може да ја ослободи Европа од зависноста од рускиот гас.

Мислам дека употребата на гасот како оружје е јасна порака до германската и австриската економија дека мора да ја забрзаат зелената агенда и транзицијата кон обновливи извори на енергија, вели шефот на украинската дипломатија.

Кулеба изрази уверување дека намалувањето на испораките на гас нема да доведе до распаѓање на ЕУ и посочи дека на крајот Русија ќе загуби, а Украина и Унијата ќе победат. Не верувам дека ќе бидат укинати санкциите или ќе се намали притисокот врз Русија, додаде тој.

На прашањето дали Русија нема проблеми со пристапувањето на Украина во ЕУ, Кулеба посочи дека однесувањето на Русија е секогаш исто, без разлика дали се работи за Украина или некоја друга земја.

Прво се закануваат дека ќе те казнат на најлош начин ако направиш нешто. Потоа, кога ќе увидат дека изгубиле, велат дека никогаш не било проблем, и дека е во ред да се прави тоа што се сака. Погледнете како тие го коментираа приемот на Шведска и Финска во НАТО. Истата шема, подвлече тој.

Кулеба апелираше до Европа и светот да достават оружје во Украина. Најдобар и најбрз начин да се стави крај на оваа војна е да се снабди Украина со неопходното оружје, рече тој.

Тој уште рече дека моменталната состојба на фронтот на истокот е тензична. Не можам да зборувам за бројки, но за жал нашите загуби се болни, не само кога се во прашање загинатите, туку и за повредените. Секој ден зборуваме за десетици повредени и мртви, рече Кулеба.

OhridNews