Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба потврди дека во четврток планира да се сретне со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Кулеба синоќа на украинска телевизија изјави дека ако Лавров е подготвен за сериозен, содржаен разговор, тогаш и тој е подготвен. Кулеба рече дека ќе разговара со сите што треба за да се воспостави мир.
Русија претходно потврди дека нејзиниот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ќе се сретне со својот украински колега Дмитриј Кулеба и со шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу на дипломатски форум во Турција на крајот на неделата.
Портпаролката на Министерството за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека договор за тристраната средба е постигнат за време на телефонскиот разговор меѓу рускиот претседател Владимир Путин и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган „на иницијатива на турскиот лидер“.
Чавушоглу пред тоа изјави дека украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба и неговиот руски колега Сергеј Лавров се договориле да се сретнат за време на дипломатскиот форум во Анталија, Турција.
Чавушоглу, во изјава за турските медиуми, рече дека тој ќе присуствува на средбата закажана за четврток.
OhridNews