Проблемот со кучињата скитници во Охрид и понатаму не е решен. Освен што ги вознемируваат граѓаните, како што информираат туристичките работници, тие често пати ги вознемируваат и странските туристи кои се во обиколка на атрактивните туристички локации низ градот.

Голем број кучиња скитници има и во стариот дел од градот кој е и најпосетуван од страна на гостите. Буквално секоја туристичка група која минува низ овој дел од градот е пропратена од голем број кучиња скитници, со што се добива катастрофален впечаток за градот. Колку ние водичите да се трудиме да го презентираме Охрид  во најубаво светло   глетката е друга, велат туристичките водичи кои апелираат надлежните под итно да го решат проблемот со кој се нарушува угледот на Охрид како туристичко место.

OhridNews во повеќе наврати пишуваше за проблемот за кој до нашата редакција постојано пристигнуваат поплаки од голем број граѓани. При подготвувањето на последниот текст што ја опфаќа оваа проблематика, објавен кон средината на месец февруари, од страна на надлежните беше кажано дека во тек е подготовка на прифатилиште за кучињата скитници кое ќе го води здружението за заштита „ Анималиа“ со подршка на локалната самоуправа.

Планирано е прифатилиштето да биде водено од наша страна, ние да ги покриваме тековните трошоци во однос на ветеринарна опрема и услуги и опремување на сите простории со потребниот инвентар. Ќе се применува принципот залови-стерилизирај-врати, со цел бројката да се донесе во нормала и кучињата што ќе останат на улица да се здрави и неагресивни. Ова е пракса која западните земји ја применуваат и се покажала ефикасна и пред се’ етична.  Треба да се договориме со локалната самоуправа околу добивањето на писмена согласност за користење на местото, како и за потребата од еден постојан вработен во прифатилиштето, појаснуваат од „Анималиа“.

Административните процедури со цел да профункционира прифатилиштето сеуште траат.  

Т. К.