„Секојдневно ловиме по 2-3 кучиња. Нивниот број е помал во текот на летниот период зашто тие бегаат од поголемата фреквентност во центарот на градот, но штом се намали гужвата ги има се повеќе“, вели директорот на “Охридски комуналец“, Боро Павлоски. Според него, бездомните кучиња најчесто доаѓаат во центарот од влезовите на градот, од кај струшката страна, како и од кај касарната.Павлоски додава дека големи кучиња се почесто се забележуваат и на булеварот „Туристичка“. „Тоа се кучиња чувари на овци и деновиве се обидуваме да најдеме заедничко решение со нивните сопственици“, додава првиот човек на „Охридски комуналец“.
До нашата редакција пристигна писмо од група граѓани на Охрид во кое тие бараат проблемот со бездомните животни да се решава на похуман начин.Во реакцијата се вели:
„Ве почитуваме како медиум и сметаме дека имате многу голема и важна улога во нашава општина, не само како информатор и глас на граѓаните, туку и како медиум кој има големо влијание за подигнување на општата свест на граѓаните, локалната власт, а со тоа и за унапредување на нашава општина.
Охрид, како и секој друг град, има проблем со кучињата скитници и ние како граѓани реагиравме да се реши проблемот со кучињата скитници, но на колку што може похуман начин. И навистина бројот на кучињата скитници е доста намален оваа летна сезона, но нас како граѓани кои се грижат за животната средина не интересира како надлежните го намалија бројот на кучињата скитници во Охрид. Апелираме до вас како медиум, од име на граѓаните, јавно да ги прашате надлежните на кој начин се справија со овој проблем и како во иднина планираат да се справуваат.
Сметаме дека е крајно време да се почне, и понатаму да се продолжи со примена на хумани методи за решавање на овој проблем. Посебно, бидејки сега е намален бројот на кучињата, надлежните да не чекаат пак да се намножат па да треба пак, претпоставувам, безмилосно да ги трујат и убиваат. Труењето е најболна и најтешка смрт.
Сметаме дека е крајно време и во нашава општина да почнат да се применуваат методите кои се применуваат во сите цивилизирани земји.
Само колку за споредба, во Скопје како многу поголем град од Охрид, кучињата се заловуваат, се стерилизираат (кастрираат), пак се враќаат на истото место од каде што се заловени и постојано се апелира до граѓаните да не ги трујат и да не ги малтретираат животните.
Преку Вас, апелираме до градските власти да започнат со примена на ваков метод кој ќе доликува на една современа општина кон каква се стремиме“, стои во апелот на граѓаните што пристигна во нашата редакција.