Во рамки на музичкиот дел од програмата на Охридско лето вечерва со почеток во 21 часот во црквата „Света Софија“ концерт ќе одржи пијанистот Леонел Моралес од Куба.
Оовј познат музичар критичарите го опишуваат како изведувач со брилијантна техника, леснотија, елеганција и неверојатна прецизност во свирењето. Секој негов настап е испратен со громогласно ракоплескање и воодушевување од публиката низ целиот свет.
Моралес дипломирал на Универзитетот во Хавана, под менторство на пијанистот Франк Фернандез, инаку студент на еминентниот руски пијанист Виктор Мерзанов, следејќи го методот на традиционалната руска школа. По завршувањето и на своите постдипломски студии, Моралес се сели во Шпанија, каде што почнува активно да настапува и да учествува на голем број национални и интернационални натпревари, на кои освојува значајни награди. Настапувал во речиси сите големи музички центри во светот, а значајни се и неговите мајсторски школи што ги одржува таму.
Еден од поинтересните курсеви, е оној на кој Моралес ги анализира и ги интерпретира сите 32 Бетовенови сонати. Во текот на својата кариера, настапувал со некои од најзначајните оркестри во светот, како Шпанскиот национален оркестар, Симфонискиот оркестар на Билбао, Симфонискиот оркестар на Хамбург, Симфониските оркестри на Истанбул и на Анкара, Берлинската филхармонија, Варшавската филхармонија и други. Соработувал и со голем број реномирани изведувачи и интернационално признати диригенти, меѓу кои Виктор Пабло Перез, Макс Валдес, Михаил Јуровски, Александар Рабари, Жак Мерси, Франц Крејгер и многу други.
Според најавите, во рамки на концертот во Охрид, Моралес ќе отсвири дела од Лудвиг ван Бетовен, Сергеј Рахманинов и Игор Стравински.
OhridNews