Кубански лекари кои владата ги испратила во Боливија, според пишувањето на кубанскиот партиски весник „Гранма“, му го спасиле видот на Марио Теран, бившиот наредник на боливиската војска кој во 1967 година го уби легендарниот водач на кубанската револуција Че Гевара.

Ернесто Че Гевара,аргентински лекар и револуционер, во 1967 година во планините во Боливија се обидел да го повтори потфатот со кој со група идеалисти од Куба направи комунистичка држава. Меѓутоа овој пат ЦИА и боливиската војска биле подготвени и по неколку месеци успеале да го фатат и убијат Че Гевара, кој потоа стана една од најголемите револуционерни икони на сите времиња.


Че и Фидел Кастро

На остарениот Теран минатата година му е направена операција за отстранување на очното перде која ја извршила екипа кубански лекари испратени да вршат бесплатни здравствени прегледи по Латинска Америка.

За тоа дека корисник на нивните услуги е убиецот на Че Гевара, се дознало дури откако синот на Теран испратил писмо за благодарност во боливиските весници.

Кубанскиот весник „Гранма“ овој настан го  коментирал во посебен натпис објавен по повод 40-годишнината од смртта на Че Гевара.

„Четириесет години откако Теран се обиде да го убие човекот и идејата, Че се враќа како победник во уште дена битка.“ пишува кубанскиот весник. „ Како старец Теран ќе може повторно да се восхитува на боите на небото и шумите, да ужива во насмевките на неговите внуци и пак да гледа фудбал“.

Јасминка Т. Момироска