Кубанец е наречен Громобран бидејќи во последните 18 години, шест пати го удрил гром, а притоа се здобил со потешки или полесни повреди.
Хорхе Маркез (62) кој живее 650 км источно од Хавана, за прв пат бил погоден од гром во 1982 година додека возел трактор.
„Се вкочанив и паднав, од ударот ми пукнаа тапанчињата и едно време не можев да ја мрдам десната рака“, раскажува човекот кој притоа се здобил со изгореници по грбот и главата, а му испаднале и пломбите од забите. Громот му го оштетил и тракторот.
Од гром настрадал уште неколку пати, два пати во 1987 година, а потоа 1991, 1998 и 2005 година, и тоа во својот дом. Никој не му објаснил зошто толку ги привлекува громовите. „Пред да умрам сакам некој темелно да ме прегледа во врска со тоа“, вели Хорхе. Кога го прашале дали се плаши дека повторно ќе го удри гром, тој одговара „Се разбира дека се плашам! Секој пат кога ќе почне да врне, се молам на Бога“.