Мостров изјави дека веднаш ќе започне со уредување на просторот според критериумите на министерството за транспорт. На површина од 3357 м2, покрај шанк и летни содржини ќе има игралиште за одбојка и детско игралиште.
Плажата бр. 8 кај Лагадин ја доби под концесија фирмата „Легенда“, сопственост на членот на советот на општина Охрид – Љупчо Нечкоски. Тој за 2394 м2 ќе плати 180 денари по квадратен метар. Највисока цена од 600 денари за метар квадратен беше постигната во лицитирањето за плажата бр. 9, исто во Лагадин, која ја доби фирмата „Адриатик“ претставувана од Даница Бачева. Оваа плажа е најмала, со површина од 1298 м2.
И покрај тоа што министерството за транспорт на тендерот понуди девет плажи, на јавното наддавање беа издадени само три од нив. Поради нерешени имотно – правни односи нема да се издаваат плажите на источното крајбрежје кај Грашница и хотелот „Младински“, додека постапката за издавање на плажите пред хотелите е во тек.
Со исклучок на два – три хотели, сите други поднеле барање до ресорното министерство за закуп на плажите пред нивните објекти.