Најмалку 80 луѓе загинале во едната од двете експлозии кои во неделата утрото го потресоа Багдад, за кој одговорноста ја презема џихадистичката Исламска држава, што е најсмртоносниот биланс од само еден напад во ирачката престолнина, јавуваат светските агенции, пренесува „Макфакс“ 

Нападот со автомобил бомба во кој покрај досегашните 78 жртви има и околу 200 ранети, се случил во трговскиот багдадски кварт Карада, каде многу жители на главниот град на Ирак одат да пазарат пред прославата со којашто се одбележува завршувањето на светиот муслимански месец рамазан.

Во соопштението кое го објави американскиот интернет ресурс SITE за следење на интернет страниците кои ги користат екстремистите, се наведува дека екстремната сунитска Исламската држава објавила дека еден нејзин самоубиец активирал автомобил бомба во квартот во кој живеат шиитски муслимани, кои сунитските џихадисти ги сметаат за еретици.

Втората експлозија во неделата утрото во североисточен Багдад одекнала на отворениот пазар во квартот ал-Шааб, при што се убиени пет и ранети се уште други пет лица, пренесува ирачката државна телевизија.

Премиерот Хајдар ал-Абади го посетил местото на првиот напад, но брзо го напуштил испратен со гневните реакции на локалните шиити кои бараа порешителна акција кон екстремните сунитски групи, пренесува порталот аl-Sumaria.

Овие напади се случија една седмица откако Исламската држава по повеќенеделната офанзива го загуби стратешкиот град Фалуџа, 50 километри западно од Багдад. Нападот покажува, исто така, дека џихадистичката организација има уште капацитети да задава смртоносни удари во ирачката престолнина, а особено нејзина цел се шиитските населби.

Претходниот голем напад на Исламската држава во Багдад беше изведен на 17-ти мај. Тогаш во двоен атентат во две населби загинаа околу 50 лица, со повеќе од 100 ранети. Таа седмица речиси 200 луѓе загинаа во Багдад и околината во терористички напади.

Според најновите податоци на ОН, во текот на јуни во насилствата во Ирак загинале вкупно 662 цивили, а други 1.457 биле ранети. Само во Багдад, кој е најтешко погодената област, регистрирани се 236 цивилни жртви и 742 ранети.

OhridNews
извор:„Макфакс“