Еден од најпознатите и најубави римски споменици на културата, Фонтана ди Треви, која датира од 18 век, завчера беше „крваво црвена“.

Веста за нечуениот вандализам ја пренесоа сите светски агенции. Непознат маж завчера во фонтаната истурил канта со црвена боја, а потоа се изгубил во толпата туристи кои се шокирани од оваа постапка.

Наскоро на самото место пристигнала полицијата која земала изјави од очевидците, а потоа технички лица накратко го прекинале водениот тек , за да при повторното пуштање потече чиста вода. Стручњаците сметаат дека фонтаната, ремек дело на барокната уметност, според првите анализи не е трајно оштетена, но дали бојата навлегла во мермерот од кој е направена фонтаната накнадно ќе се утврдува. Висината на штетата во многу зависи од составот на бојата.

Одговорноста за овој вандалски чин ја превзела групата „ ФТМ Азионе футуриста 2007“ на чии што летоци стои дека бојата во Фонтана ди Треви е истурена во знак на протест заради трошоците за организација на римскиот филмски фестивал  и дека бојата симболички го претставува црвениот тепих.

Јасмина Т. Момироска