Организацијата Обука за одржлив развој (ОРТ) во соработка со НВО „Ауледа“ од Валона, Албанија, до март наредната година заеднички ќе работат за зголемување на туристичката понуда на Крушево и Поградец преку вмрежување на двата града.
Главна цел на проектот за развој на туризмот е зајакнување на малите стопанства за проширување на туристичката дејност во алтернативни видови туризам, со фокус на екологија, спорт и култура. Проектот посебно настојува да поттикне прекугранична деловна соработка, обука, трансфер на искуства и спојување на бизнисите во интегриран производ.
Проектот е мотивиран да покрене синергија во давањето туристички и пропратни услуги во нова форма, односно развој на планскиот и езерскиот туризам во Поградец и Крушево. Целни групи на проектот се млади луѓе, стопански објекти од мал обем во двата града и туристички агенции, а ќе бидат формирани и туристички пакети и понуди кои би ги задржале туристите преку целата година.
„Имајќи ја предвид инфраструктурата која ја имаме и проектите на кои работиме се надевам дека преку овој проект ќе добиеме повеќе во областа на алтернативниот туризам и поврзувањето меѓу Крушево, Поградец и регионите како Валона и Охрид. Се надеваме на збогатување на туристичката понуда и размена на туристи“, рече градоначалникот на Крушево, Василче Дамчески.
Тој ги најави проектот „Крушево-етно град“ кој ќе трае до август, Балканското првенство за млади селекции во одбојка, Европско првенство во навигациско планинарење, манифестацијата Крушевска софра и „10 дена Крушевска Република“.
Ефектите од проектот кои се очекуваат се нови инвестиции, зголемен буџет, приходи за граѓаните и повеќе работни места.
Проектот „Прекугранично споделен интегриран алтернативен туризам“ кој настојува да поттикне прекугранична деловна соработка , обука, трансфер на искуства, спојување на бизнисите во интегриран производ во туристичкиот сектор е финансиран од Европската унија.
извор: „Макфакс“