Крстосниците на булеварот ,,Железничка” во Охрид, претставуваат голема опасност за возачите и минувачите, бидејќи немаат соодветна сообраќајна сигнализација, која побезбедно би го регулирала сообраќајот. Жителите кои живеат по должината на булеварот и секојдневно минуваат на овие крстосници, велат дека основните сообраќајни знаци, кои се поставени на крстосниците, многу често не се почитуваат и дека е потребно да се постават семафори.

-Овој булевар се користи како обиколница кон Битола, па многу често автомобилите и камионите возат со голема брзина и треба многу да се внимава кога се преминува на крстосниците кои го сечат булеварот. Особено опасна е  крастосницата со улица „Кленоец“, бидејќи тука има најголема фреквенција на возила и на пешаци, вели жител на населбата „Црногорци“.

Надлежните од охридската локална самоуправа велат дека веќе имаат во план да постават семафори на дел од крстосниците на булеварот „Железничка“ и дека тоа е зацртано во годишната Програма за изградба на сообраќајна сигнализација за 2015 година.

-Бидејќи на крстосниците на булеварот „Туристичка“ ќе се градат кружни текови, планираме семафорите кои ќе се демонтираат од овие крстосниците да ги поставиме на крстосниците на булеварот „Железничка“. Според планираното семафорска сигнализација ќе биде поставена на крстосниците со улиците „Кленоец“ и „Егејска“, инфомираат од Секторот за комунални дејности, сообраќај и улици, при општина Охрид.

Оттаму објаснуваат дека поставувањето на семафорите ќе биде привремено решение бидејќи според Развојната програма за уредување на градежено земјиште на општина Охрид за 2015-2017 година, се планира изградба на три кружни крстосници и на булеварот „Железничка“.

Инаку според најавите, две од кружните крстосници на булеварот „Туристичка“ ќе започнат да се градат наскоро.

-Бидејќи тендерот беше распишан, во тек е избор на изведувач кој ќе ги гради крстосниците. Откако ќе завршат сите законски процедури ќе започнат активностите за изградба. Планирано е право да се изградат кружните крстосници на пресекот со улиците „Македонски Просветители“ и „Бистрица“. Очекуваме овие кружните текови да бидат ставени во функција пред почетокот на туристичката сезона, велат надлежните од Секторот за комунални дејности, сообраќај и улици.

Тие нагласуваат дека во тек е подготовката на тендерската документација и за останатите кружни крстосници на „Туристичка“ и дека наскоро ќе бидат објавени Јавните повици за избор на изведувач.

Е.М