Ракометниот клуб Охрид во името на Крсте Андоновски доби нов капитен и предводник во екипата. Левото крило, „лентата“ ја наследи од голманскиот тандем Кирил Пецаков – Кирил Колев кој минатата сезона ја делеше капитенската обврска во клубот.
– Честа да се биде капитен во клубот од кој потекнуваш е голема, но исто толкава е и одговорноста. Јас како капитен ќе се борам за најдоброто на играчите и клубот и посакувам сезонава како и многу пати до сега да ја израдуваме охридската публика која има префинет вкус за ракомет. – рече Крсте Андоновски на почетокот од разговорот.
Премиерната победа со Работнички и минималниот пораз во финишот од Работник во дербито во втората рунда од Супер лигата, наговестуваат позитивни работи за охридскиот ракометен клуб во елитата.
– Сезонава добро со рутински триумф ја отворивме против Работнички. Иако, екипата е составена од млади ракометари, требаше добро да се испотиме за победата и првите бодови во Супер лигата. Се’ уште го чувстуваме горчливиот вкус од поразот од Работник во дербито. Во мечот повеќе од 55 минути имавме водство, имавме се во наши раце, но на крајот за жал бодовите останаа во Битола. И покрај поразот, докажавме дека сезонава имаме добра екипа која ќе конкурира за високите места на табелата во Супер лигата. – потенцираше левото крило.
Ракометниот клуб Охрид е една од неколкуте екипи кои сезонава ќе атакуваат на висок пласман на табелата односно на првите четири позиции кои водат во плејофот од Супер лигата.
– Во ракометната елита сезонава има шест – седум екипи кои ќе се борат за четирите места кои водат во плејофот односно во мечевите за титулата. Никоја екипа во двете рунди од првенството не отскокна со квалитет и резултат, што гарантира неизвесни и возбудливи натпревари во шампионатот. Нашите резултати од контролните мечеви пред почетокот на сезоната и од двата натпревари во Супер лигата ни даваат надеж за успешна сезона и пласман меѓу четирите екипи на табелата. За разлика од минатата сезона, кога остваривме историски успех, пласирајќи се во плејофот во Супер лигата и на завршниот турнир во Купот на Македонија, сезонава имаме различен состав со помалку интернационалци и помал ростер на играчи. Малиот фонд на ракометари може да преставуваме проблем, но и не мора ништо да значи. Наша обврска е да играме со срце, впрочем како и секогаш и со таква игра да го надополниме играчкиот дефицит на клупата. – заврши Андоновски.
„Гладијаторите“, премиера пред охридската публика во Супер лигата ќе имаат викендов, а противник ќе им биде составот на Борец од Велес.
Михаил Постоловски