Победата над Металург е минато, охридските ракометари, експресно мора да ги избистрат главите и комплетно да се насочат кон средбата со Еурофарм Пелистер 2, во петтата рунда од плејофот во Супер лигата. Мечот во Битола се игра в недела, со почеток во 16 часот.
Мечот со Металург го оправда предзнакот дерби, бидејќи беше полн со неизвесност и пресврти. Можам да кажам дека на крајот и среќата не послужи, но кога ќе се сумира се` ние заслуживме да победиме. Сега не очекува средба со Еурофарм Пелисте 2. Сигурен сум дека натпреварот ќе биде многу поразличен, затоа што двете екипи играме различен ракомет. Битолчани се млади и полетни, ние треба да сме водени од искуството. Во овој модерен ракомет кој се игра моментално решава одбраната. Затоа ние ќе се потрудиме да одиграме најдобро што можеме во одбрана, со што ќе овозможиме по(лесни) голови во нападот. На секој меч во плејофот атакуваме на позитивен резултат. Нашите цели се пласман во топ 4 и излез во Европа, затоа мора да победуваме, рече левото крило Крсте Андоновски, кој е дел од идеалниот тим за 4-та рунда во плејофот од Супер лигата.
Охрид со скор од две победи и два порази ја дели третата позиција со Пролет и Бутел Скопје, додека младите „пелистерци“ со еден бод се последнопласирани на табелата.
OhridNews