Кршењето на работничките права е појава која во последниве неколку години е се поприсутна во охридскиот регион. Во првата половина од оваа година околу 690 работници од охридско, се пожалиле на односот од работодавците. Од канцеларија на Сојузот на синдикатите на Македонија во Охрид, велат дека број на работници чии права се прекршуваат е многу поголем, ако се земат во предвид и оние работници кои не се здружени во синдикална организација и немаат потпишано колективен договор.

Непочитувањата на работничките права се најчести во нерегулираниот приватен сектор. Таму работодавците не потпишуваат договор за работа и не се обврзани да ги исполнуваат обврските кои произлегуваат од истиот. Работниците се изложени на најразлични тортури, но поради тоа што немаат договор и не се здружени во синдикат, немаат кај кого да се обратат. Затоа за прекршување на овие права не може да се евидентираат никакви податоци.-вели Драган Цветаноски, Раководител на Општинаската Организација на ССМ во Охрид.

Тој објаснува дека за кршење на работничките права, во Сојузот на синдикати може да се пожалат само работниците кои се негови членови и имаат потпишано колективен договор.
За првите 6 месеци од оваа година за неплатени плати во ССМ се пожалиле 365 негови членови. 205 работници се пожалиле дека работодавецот не им плаќа придонеси на пензиско и здравствено осигурување, а за неплатена хранарина и патни трошоци се пожалиле вкупно 76 вработени. За промена на договорот за работа жалба поднеле 14, а за неоснован принуден одмор 7 вработени.

-Меѓу оние кои побарале помош од ССМ,  најголем дел припаѓаат на Агросиндикатот. На второ место по поплаки се вработените во Графичко-информатичката индустрија, а на трето место работниците од Угостителската и туристичката дејност. Исто така покрај вработените во приватниот сектор имаме регистрирано и поплаки од вработени во Јавните и буџетските институции.-вели Цветаноски. Тој нагласува дека Синдикатот сеуште ги застапува правата и на стечјните работници од охридските фирми: Братство, Бетон и Трудбеник, кај кој сеуште не е завршена стечајната постапка.

Според податоците на ССМ, правниот застапник од охридската синдикална канцеларија , оваа година дал вкупно 613 правни совети на работници чии права биле повредени. Поднел 525 барања и 10 приговори до работодавачт кои ги прекршиле работничките права, а за 11 од нив поднел директна пријава во Инспекторатот за труд и социјална политика. За посериозните прекршоци на Законот за работни односи правниот застапник до судовите поднел 8 тужби и 5 жалби, а издејтвувал и 10 судски пресуди во корист на работниците кои се пожалиле.

Основната задача на правниот застапник на ССМ  е да дава бесплатна правна заштита и совети на членовите на сите гранкови синдикати кои му припаѓаат на ССМ. Тоа значи дека доколку некој работник се пожали или смета дека работодавецот не ги исполнил условите од договорот за работа, може да се пожали во ССМ.

                                Е. Е.