Почетокот на мечот донесе израмнета игра, а кога МЗТ поведе со 12-8 дел од навивачите помислија дека тоа е почеток на фуриозна серија што ќе значи и создавање на поголема предност. Сепак, словенечкиот состав успеа експресно да се врати во мечот, да го одржува резултатот израмнет до крајот на првиот период, а потоа да заигра и уште подобро во текот на втората четвртина. Крка беше тимот што доминираше во овој период од мечот, многу полесно го наоѓаше патот до кошот на МЗТ додека македонскиот првак се мачеше да постигне поени, па со поените на Лорбек на две и пол минути до крајот „зелените“ поведоа со 31-39. Сепак, МЗТ блесна во самиот финиш, направи серија од 10-0 и со забивањето на Николиќ стигна до предност од 41-39.
„Металците“ делуваа многу расположено во фазата на нападот во второто полувреме, па предводени од Дамјан Стојановски и Оташевиќ (по две тројки) стигнаа до предност од 57-51. Фуријата на македонскиот првак продолжи, па со новата тројка на Оташевиќ и прецизниот обид на Николиќ предноста на МЗТ за прв пат беше двоцифрена (65-54). Сепак, Крка експресно се врати, направи серија од 2-9 и намали на 67-65 пред Бакиќ со положување да ги постави конечни 69-65 на крајот од третата четвртина.
Крка го стартуваше последниот период со мини-серија од 0-4, но македонскиот првак одговори преку Чековски и Дејвис за предност од 74-69. Дамјан Стојановски продолжи да погодува од далечина и ја одржуваше предноста на „металците“, но и гостите од Словенија беа многу прецизни при реализацијата на сопствените напади. Сепак, кога Гечевски погоди за предност од 88-81 на една и пол минута до крајот стана јасно дека МЗТ ќе се радува на својата седма победа во АБА-лигата сезонава, изразена со конечни 92-88.
Дамјан Стојановски одигра уште еден одличен меч, завршувајќи го со 26 поени, седум скокови и една украдена топка. Гечевски повторно беше на своето ниво реализирајќи 21 поен и девет скокови, додека Никола Оташевиќ го одигра својот најдобар меч во дресот на МЗТ со 13 постигнати поени и четири украдени топки. Лорбек со 21 поен беше најпрецизен во таборот на Крка, додека Лучиќ го заврши натпреварот со 17 постигнати поени.
“Екипа.мк“