Од утре (четврток) пред сите поголеми маркети на територијата на Општина Охрид од страна на Кризниот штаб ќе бидат поставени редари кои ќе имаат за задача да спроведуваат ред и ограничување на бројот на лица кои влегуваат во маркетите, во согласност со препораките за превенција од Ковид 19. Ова е еден од заклучоците од денешниот состанок на Кризниот штаб на Општина Охрид за превенција и справување со Корона вирусот Ковид 19.
Најголемиот производител на леб и бели печива во Охридскиот регион “Жито Леб” ќе се приклучи во хуманитарната акција за доставување на основни прехранбени намирници до најзагрозените семејства, која беше иницирана од Кризниот штаб на Општина Охрид. Започнувајќи од утре (четврток), секој работен ден во попладневните часови, Мобилните тимови на Општина Охрид и Охридскиот Црвен крст ќе подигнуваат прехранбени пакети од “Жито Леб” и ќе ги доставуваат до најзагрозените и социјално ранливи семејства, по утврден список на Црвен Крст. – соопшти општинскиот Кризен штаб.
Кризниот штаб предупредува дека се потврдуваат сомнежите поради кои од Кризниот штаб на Владата на беше побарано да ја разгледа можноста за воведување на забрана за влез на жители од други општини во Општина Охрид и да се зголеми контролата на жителите од Општина Охрид при влез и излез од градот, непосредно пред Велигденските празници.
Според евиденцијата на членовите на Кризниот штаб, во текот на изминатите 24 часа, на територијата на Општина Охрид е регистриран влез на повеќе од 300 моторни возила со регистарски таблички од други општини. Од оваа бројка се исклучуваат возилата кои се од соседните општини на Општина Охрид, информира Општинскиот кризен штаб.
Врз основа на оваа состојба и очекувањата дека во текот на следните два дена, оваа бројка ќе биде значително поголема, се упатува АПЕЛ до сите граѓани кои туристички престојуваат во викенд становите и куќите на територија на градот Охрид и крајбрежните населени места, да се придржуваат до сите препораки за превенција и заштита од Корона вирусот Ковид-19. Се апелира особено да се почитува Полицискиот час, забраната за групни собири и прослави, препораката за држење на соодветно растојание на јавен простор, соодветно депонирање на отпадот и носење на соодветна заштитна опрема. – истакнуваат од Општинскиот кризен штаб.
Во Охрид денеска беше исклучително раздвижено. Пред поголемите маркети, но и пред месарниците, но и пред други прдавници и институции имаше редици од луѓе кои чекаа. Голем дел од трговците се обидуваат да воспостават ред согласно препораките за спречување на ширењето на коронавирусот, со лимитирање на бројот на купувачи, но има и такви кои не внимаваат па така во одредени маркети има премногу луѓе на мал простор кои не држат дистанца и не внимаваат на препораките за заштита. Со оглед дека претстојниот викенд полицискиот час ќе биде продолжен за уште еден ден, се очекува гужвите по маркетите и пазарите во градот да ги има и во наредните два дена.
OhridNews