Туризмот во Македонија долги години е во криза предизвикана од сите оние настани кои се случуваа во земјата, смета професор д-р Јован Стојаноски –  продекан на најстарата високо-образовна институција од областа на туризмот во земјата, Факултетот  за туризам и угостителство во Охрид.

-Туризмот во Македонија не е во криза затоа што светот западна во економска криза, а воопшто последиците од таа криза врз туризмот е се уште рано да се мерат. Но и во услови на криза постојат стратегии како претпријатијата да се борат и да успеваат на меѓународниот пазар. Тоа значи дека компаниите мора да се борат и да си наоѓаат свои туристи, вели Стојаноски.

Според Стојаноски полесно е да се напише стратегија за развој на туризмот отколку таа да се оствари. „Ни треба време и луѓе кои ќе застанат и ќе се борат да ја остварат таа стратегија“, додава Стојаноски.

Ставањето на Охрид на листата на најпосакувани туристички дестинации за 2010 година во САД, според Стојаноски не значи дека туристите веднаш ќе навалат во Охрид и во Македонија, но според него добар чекор е тоа што одредени важни медиуми не ставаат на листата на приоритети.

Претставници на дваесетина туроператори од Европа, експерти од областа на туризмот, хотелиери, угостители и претставници на општини и институции, денеска во Охрид ќе дебатираат околу македонската туристичка понуда, во рамки на Форумот за туризам што се одржува во склоп на Меѓународниот саем за туризам.

Г.М.