Кризата во снабдувањето со гориво која ја зафати деновиве Грција, не ги спречи бројните охриѓани да отпатуваат на одмор во оваа соседна земја.

Како што информираат од охридските туристички агенции, не е откажан ниту еден аранжман за Грција, ниту пак се забележани проблеми во врска со снабдувањето со гориво. – Нашите автобуси кои ги носат гостите во Грција до сега немаа проблеми, ги почитувавме препораките дадени од страна на нашето министерство за надворешни работи и не е пријавен никаков проблем, ниту од страна на луѓето кои патуваат во Грција преку нас, но со сопствен превоз, вели Елида Битрак од Туристичката агенција Елида Турс.

Патувањата во Грција се одвиваат во најдобар ред, немаме откажувања на аранжманите и не е приајвен никаков проблем од страна на оние кои патуваат преку нашата агенција, потврдуваат и од ТА Вис Пој.

Пред неколку дена, македонското министерство за надворешни работи излезе со препорака македонските граѓани да патуваат во Грција само со полн резервоар гориво и економично да го трошат, поради блокадата и застојот во патниот сообраќај во Грција, настанат поради кризата со дистрибуцијата на гориво на бензинските станици, предизвикана од штрајкот на транспортерите кои ги блокираа излезите од рафинериите и скалдиштата со гориво.

Според македонското министерство, во туристичките места, каде  воопшто немало гориво имало случаи на странски туристи останати на отворен пат.

Од денес снабдувањето со гориво во Грција се очекува да се нормализира. Возачите на камиони во Грција го прекинаа еднонеделниот штрајк, по што ги продолжуваат преговорите со владата.

Штрајкот почна минатиот понеделник поради плановите на владата за отворање на превозниот сектор за поголема конкуренција, како дел од реформите побарани од Меѓународниот монетарен фонд и од ЕУ за да ја добие помошта од 110 милијарди евра.

Ohridnews