Советот на општина Охрид на продолжението од 25 седница, денеска  со 17 гласа ЗА го разреши Управниот одбор-УО,на ЈП “Охридски комуналец“, но не го прифати предлогот на Комисијата за мандатни прашања избори и именувања Ахмет Патељ, Зоран Шутески, Јордан Ѓорчески, Рената Арнаудова, Раим Бајрами, Шпенди Доко, Мирослав Кузман, Ламбе Шалкоски и Наум Пуфтоски, да го сочинуваат новиот УО на Комуналец.


П-тел на Совет Владо Чингоски

По ова координаторот на СДСМ Бранко Трпчески во име на Коалицијата „За Македонија  Заедно“ од говорницата изјави дека се оградуваат од одговорност за последиците од натамошното функционирање или нефункционирање на УО.


Бранко Трпчески

Советот на денешната седница со 21 гласа ЗА ги разреши членовите на Надзорниот одбор на МЈП “Проаква“ Ризвани Заип, Ристо Србиноски, Гордана Јованоски, Игор Дуданов и Кујтим Хјредини, но не го усвои предлогот за нов состав на Надзорниот одбор.

Со ова дополнителнно се искомплицира состојбата во јавните претпријатија кои останаа без управни и надзорни одбори заради неможноста партиите кои партиципираат во Советот да се договорат за персоналните решенија. Немаше промена на ставовите ниту по паузата за дополнителни консултации помеѓу координаторите на советничките групи по што 26-та седница која требаше да почне веднаш по 25-та се одложи за наредната недела.

“Седницата ќе ја презакажам најверојатно за 5-6 дена кога советничките групи ќе се искоординираат и ќе предложат нови членови на органите кои што сега не беа избрани“, рече претседателот на Советот Владо Чингоски кој рече дека ќе биде направен напор новонастанатата состојба да не се одрази штетно во работата на јавните претпијатија.

Координаторот на ВМРО НП која не ги подржа кадровските решенија во јавните претпријатија, д-р Томе Гиноски рече дека неговата партија треба соодветно да партиципира во управните и надзорните одбори во Комуналец и Проаква каде во моментов “народна“ нема претставник.


Боро Павлоски – ЈП „Комуналец“

Според директорот на ЈП “Охридски комуналец“, Боро Павлоски специфично е што вакумот во управувањето и надзорот се јавува на крајот од годината кога треба да се донесат одлуките за завршните сметки, програмата за работа за 2007 година, како и одлуката за одредување на висината на К-15 за вработените, кои сега не можат да се донесат.