Поради постоење основи на сомнение за сторени повеќе казнени дела – “насилство“, “предизвикување општа опасност“, “напад на овластено службено лице“ и “недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“ СВР Охрид поднесе кривична пријава против шест лица од Охрид . Од страна на Судија на претходна постапка за еден од пријавените кој е на возраст од 18 години, одредена е мерка притвор во траење до 30 дена.  

Во соопштението на министерството за внатрешни работи во кое се откриваат детали за настанот се наведува дека инцидентот започнал вчера околу 01 часот, во угостителски објект во Охрид лоциран на булеварот „Македонски просветители“. Четворица од пријавените започнале вребална  расправија која набрзо прераснала во меѓусебна жестока физичка пресметка со тупаници користејќи и делови од инвентарот на објектот. По кратко време на местото со возило пристигнале две лица, кои еден од учесниците во тепачката, 18- годишно момче, го пренеле на брза помош по што, се упатиле на улицата „Лазо Трпоски“ каде живее лице кое учествувало во тепачката. 18- годишниот охриѓанец со огнено оружје пиштол, кон куќата испукал неколку куршуми, по што се упатиле на хируршкото оделение во Општата болница. Таму едно од лицата кои го донеле момчето го забележало родителот на другото лице, учесник во тепачката, и физички го нападнал. Овој обид за физичка пресметка и поголемо нарушување на јавниот ред и мир, бил спречен од полициски службеник кој притоа од страна на едно од лицата бил нападнат со тупаници во пределот на градите. Од ударите, полицискиот службеник се здобил со телесни повреди а при пад лицето се здобило со фрактура на десно стопало. 

По наредба од судија во претходна постапка, извршен е претрес во домот на 18- годишното момче и уште две лица при што одземени се повеќе парчиња оружје и муниција.

OhridNews