Тројца државни службеници во Министерството за култура „заработиле“ кривични пријави, сооптши денеска Министерството за внатрешни работи. Кривичните пријави ќе бидат поднесени за Б.К.(1978), раководител на Сектор за јавни набавки, Р.Т. (1947) раководител на Одделението за стручно административни работи и И.А.(1962) раководител на Сектор за стручна поддршка на Кабинетот на министерот и односи со јавност во Министерство за култура.

Како што јавува „Макфакс“, тие се осомничени за сторено кривично дело „Фалсификување или уништување деловни документи“.

Поднесувањето кривични пријави за тројца државни службеници во Министерството за култура, е потврда за мега аферата „Патриотска метла“ што ја обелодени СДСМ, а се однесува на објекти од проектот „Скопје 2014“, велат од најголемата опозициска партија

„СДСМ во јавноста ја обелодени мега аферата „Патриотска метла“ со која обзнанивме дека во Министерството за култура, на почетокот на месец август, исчезнала или е уништена дел од тендерска документација за вкупно 14 тендерски постапки, за 4 проекти: „Стар театар“, „Музеј на ВМРО“, „Театар Велес“ и „Нобеловци““, се наведува во писмената изјава на СДСМ, во која се потсетува  дека два од овие проекта се однесуваат на проектот „Скопје 2014“.

Натаму во соопштението се наведува дека денеска и Министерството за внатрешни работи ги потврдило тврдењата на СДСМ дека проектот„ Скопје 2014“ бил „ портокалова пералница на пари и дека со исчезнувањето и уништувањето на тендерската документација е сторен обид за прикривање на дел од ова криминално работење“.

Од СДСМ одговорноста за ова ја бараат исклучиво во министерката за култура Елизабета Канческа Милеска, наведувајќи дека службениците од овој ресор биле само жртви.

Министерството за култура попладнево ја поздрави акцијата на МВР во која беа поднесени кривични пријави против тројца службеници од ова министерство и соопшти дека тие немаат никаква врска цо проектот „Скопје 2014“.

„Министерството за култура го поздравува затворањето на овој случај од страна на Министерството за внатрешни работи, постапка која, напоменуваме, на барање на Министерството за култура беше покрената во август годинава“, стои во соопштението.

Истовремено се потенцира дека не станува збор за исчезнување на договори од милионски суми за проектот „Скопје 2014“, како што претходно беше речено на пресконференцијата на СДСМ.

ОhridNews
извор: „Макфакс“