Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „незаконита експлоатација на минерални суровини“, СВР Охрид поднесе кривична пријава против правен субјект од струшкото село Боровец и против овластено лице од истото село. Во врска со казненото дело „Фалсификување службена исправа“, во пријавата опфатено е и 61- годишно лице од Охрид вработен во градежна фирма од Скопје.
– На 18-ти август оваа година, на локалитетот „Црвена Вода“ општина Дебарца, со работни машини сопственост на правниот субјект од Боровец извршена е незаконска експлоатација на минерални суровини односно бесправен ископ на чакал. Експлоатацијата на минералните суровини определена со закон, фирмата го извршила без концесија односно дозвола за таа дејност, по што чакалот го транспортирала до селото Црвена Вода каде се изведувале градежни работи за реконструкција на одводен канал до водната комора на ХЕЦ „Песочани“. На тој начин биле пренесени околу 50 м кубни чакал со што правниот субјект се стекнал со противправна имотна корист од 30,000,оо денари предизвикувајќи штета на Република Македонија, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
Третопријавениот во својство на службено лице административен извршител, вработен во градежната компанија , на 17-ти август годинава, со внесување на лажни податоци изготвил согласност-акт со невистинита содржина, кој архивиски не го евидентирал во евиденциите на градежната компанија. Потоа направил фотокопија од актот и свесно, со умисла, им го остапил на сопствениците на претпријатието од Боровец кои како вистинска ја презентирале до СВР Охрид а оригиналот го уништиле, прикриле, оштетиле или на друг начин го направиле неупотреблив.
OhridNews