СВР Охрид, поради основано сомнение дека сториле кривични дела – “злоупотреба на службена положба и овластувања“ и “фалсификување или уништување деловни книги“ – поднесе кривични пријави против лицата: С.Љ. (55), поранешен извршен генерален директор во АД ЕМО; В.К. (45), поранешен помошник генерален директор за производство во АД ЕМО; и С.К. (49), поранешен помошник генерален директор за финасии во АД ЕМО.

Тројцата се товарат дека му нанеле штета на АД ЕМО во вкупна висина од 49.762.288 денари или 816.000 евра.

Во периодот од 4.11. 2005 година до 22.01 2006 година прво и второпријавениот, искористувајќи ја службената положба и овластувања, склучиле штетен договор со италијанската фирма “Контрафо“, за продажба на трансформатори – со цени пониски од пазарните цени на чинење и други трошоци, со што го оштетиле АД ЕМО за 379.161 евра.

Второпријавениот, дополнително на ова, иако цените биле економски штетни и не била обезбедена банкарска гаранција за наплата, неовластено со свој потпис ги заверувал фактурите со кои се одобрила испораката на производите.

Исто така, на 3.10. 2005 година првопријавениот С.Љ., иако АД ЕМО со фирмата “Контрафо“цела година имале деловен однос, сепак склучил протокол за посредничка провизија со фирмата “Метком Холдинг“ од САД во износ од 3,5 проценти од вредноста на подоцна склучениот договор со “Контрафо“. Но фирмата “Метком“ немала никакви посреднички активности, ниту маркетинг и комерцијално работење, третпријавениот С.К. со свој потпис во два наврати дал налог за книжење и сиплата на фактури за посредничка провизија во вкупен износ од 140.300 американски долари, а фактурите биле одобрени и од првопријавениот С.Љ.

Покрај овие дејствија, првопријавениот С.Љ. на 6.02.2006 година самоиницијативно и без одлука на одборот на директори со АД “ЕСМ“ склучил вонсудска спогодба за отпис на побарувања по основ на камати во правосилна завршена и извршна постапка во износ од 19.894.636 денари, иако должникот бил способен за плаќање и побарувањето имало услови во целост да се наплати.

Инаку, истражен судија на првопријавениот С.Љ. му одреди мерка притвор во траење од 30 дена.  

извор:
МВР